IN MEMORIAM Почина актерот Марин Бабиќ

од admin_kult

Синоќа во Скопје, по кратко и тешко боледување, на 74-годишна возраст почина доајенот на македонското глумиште, Марин Бабиќ, соопшти семејството.

Бабиќ во 1971 година дипломира на Театарската академија во Софија и истата година стана дел од Драмскиот театар – Скопје, каде што го помина целиот свој работен век. Ќе остане запаметен по многубројните и значајни улоги не само во својата матична куќа туку и во други театри и проекти. Позначајни улоги има во претставите: „Болен Дојчин“, „Лиза, Лиза“, „Свадба“, „Учени жени“, „Собирен центар“, „Бура“, „Вообразениот болен“, „Злостори на срцето“, „Солунски патрдии“; „Рибарски караници“, „Косанчиќев венец бр. 7“, „Хаос зад кулиси“, „Викенд на мртовци“, „Ноќ спроти Водици“, „Зојкиниот стан“, „Смртта на Дантон“, „Стапица“, „Сили во воздухот“, „Не сега драга…“, „Прости дарови“, „Амадеус“, „Дедо Мраз и Феферона“, „Заводникот од западниот свет“, „Словенскиот ковчег“, „Платонов“, „Демонот од Дебар Маало“.

Оствари значајни улоги и во телевизиски и филмски продукции: „Бушава азбука“, „Наши години“, „Оловна бригада“, „Јад“, „Нели ти реков“, „Доротеј“, „Јужна патека“, „Тетовирани души“, „Претежно ведро“, „Училиште за кловнови“, „Збогум на 20 век“ и многу други.

Марин Бабиќ ќе остане запаметен како голем професионалец, добар колега и пријател. Ќе се памети по улогите, а особено по антологиската на Јашар-бег во „Солунски патрдии“.

Бабиќ е препознатлив и по неговата култна Ноќна програма на Радио Скопје и радиоемисијата на Радио Равел, како и по неговата иницијатива за манифестацијата „Глумците пеат“ и поетскиот серијал „Бебули“ со неговите маестрални интерпретации на современата поезија.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе