ИН МЕМОРИЈАМ: Почина македонскиот поет, есеист, драмски писател, раскажувач и преведувач, академик Богомил Ѓузел

од admin_kult

По кратко боледување, на 82-годишна возраст, во Скопје почина академик Богомил Ѓузел, македонски поет, есеист, драмски писател, раскажувач и преведувач.

Министерката за култура Ирена Стефоска упати телеграма со сочувство до семејството на Богомил Ѓузел.

„Заминувањето на академик Богомил Ѓузел претставува голема загуба за македонската култура, а неговото богато творештво, како преведувач и есеист, се вбројува во темелните вредности на литературата и критичката мисла на овие простори. Неговата поезија, пак, останува како траен белег за духовното воздигнување на сопствениот народ и непроценливо богатство на македонската култура“, стои во телеграмата со сочувство.

Академик Ѓузел е роден на 9 февруари 1939 година во Чачак, Србија. Дипломирал во 1963 година на Катедрата за англиски јазик и литература на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ – Скопје. Работел како ТВ-реализатор во РТВ Скопје, а во 1964/65 година бил на постстудиски престој на Универзитетот во Единбург како стипендист на Британскиот совет. По враќањето, работел  како  драматург  во Драмскиот театар – Скопје, а потоа како програмски директор на Струшките вечери на поезијата. Од 1976 година работел како библиограф во Народната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, а од 1985 до 1999 година, како драматург во Драмскиот театар – Скопје. Од 1999 година бил в. д. директор на Струшките вечери на поезијата до пензионирањето во март 2004 година. За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 4 јуни 2012 година.

Творечкиот опус на акад. Богомил Ѓузел опфаќа повеќе од 230 библиографски единици, од кои: триесетина се поетски збирки; над 90 единици се објавени песни во антологии, списанија, зборници и сл.; 85 единици се преводи на дела од странски автори; 23 единици се прозно творештво, како и редакции и уредништва на антологии, зборници, списанија и сл.

 

Можеби ве интересира:

Leave a Comment

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе