Во Музејот на современата уметност вечер (6 октомври) во 20:00 часот предавање ќе одржи Хедвиг Фејен од Холандија, основачка и директорка на Европското номадско биенале за современа уметност „Манифеста“. Фејен ќе ги претстави претходните изданија на Биеналето и ќе ги објави концептот, програмата и развојот на претстојното 14. издание на Биеналето со наслов „Манифеста 14 Западен Балкан“.
– Иако седиштето на ова издание ќе биде во Приштина, Биеналето ќе се реализира и во други градови од Западен Балкан. Музејот на современата уметност – Скопје годинава станува партнерска институција во организација на „Манифеста 14 Западен Балкан: Копроизводство на заеднички простор и обликување на формации на солидарност на Западен Балкан и пошироко“, кофинансиран од Европската Унија – најавуваат од МСУ.