Машкото вокално трио од Културно-уметничкото друштво „Кирил Пејчиновиќ“ од Теарце е добитник на наградата Гран при за најдобра изведба на 47. Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ што заврши синоќа на Рудина, Долнени. Признанието „Гајдата на Пеце“ за најдобар гајдаџија ја доби Филип Арилон од Велес. На Фестивалот беа доделени и 10 специјални награди статуети за успешно негување на изворниот мелос од групи и поединци.
Четириесет и седмото издание на Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ се одржуваше на 2 и на 3 јули во Прилеп и на Рудина, Долнени. Годинава учествуваа околу 320 изведувачи, групи и поединци од сите региони во државава.
За првпат по 25 години на Фестивалот одекнаа звуците на оригиналната гајда на основачот и голем уметник Пеце Атанасовски. Се одржаа и: Семинар за изучување на народните инструменти и песни (онлајн) со 12 млади учесници од Кочанско и од Прилепско и Симпозиум на тема „Фолклорот во минатото и денес“ со еминентни етномузиколози, а е издаден и Зборник на трудови од фолклористиката.