Со голема изложба на дела од членовите од основањето до денес, Друштвото на ликовните уметници (ДЛУМ) синоќа одбележа 75 години постоење. Јубилејот се слави со поставки во два објекта на Националната галерија – Чифте амам и Мала станица.
На свеченото отворање во Чифте амам, се обрати и министерката за култура Ирена Стефоска, а изложбата ја отвори покровителот на јубилејот, претседателот на државава, Стево Пендаровски. Свое обраќање пред присутните имаа и Дита Старова-Ќерими, директорка на Националната галерија, и Дијана Томиќ-Радевска, претседателка на Уметничкиот совет на ДЛУМ.
Министерката за култура Стефоска во своето обраќање ги поздрави сите уметници од сите генерации, особено младите кои ги надградуваат темелите на ДЛУМ, како еден од столбовите на нашата државност.
– Вечерашнава изложба е билет со кој се влегува во вечното паметење на луѓето. Празник за земјава. Основањето на ДЛУМ е кулминација на долгогодишната желба за создавање институција што ќе се стреми за подобрување на статусот на уметниците, за влијание врз пошироката културна средина, подигнување на интересот на публиката и менување на нејзините навики – рече Стефоска на отворањето на изложбата.
На изложбата е претставен богат творечки опус: слики, скулптури, графики, цртежи, инсталации, таписерии од 292 автори, почнувајќи од основоположниците на ДЛУМ, преку истакнати доајени што го трасирале патот и оставиле силен белег во современата ликовна сцена, средна генерација истакнати ликовни автори, па сѐ до новата генерација која ја претставува иднината на ДЛУМ.
Изложбата се реализира во соработка со Националната галерија. Воведниот текст во каталогот е на претседателката на Уметничкиот совет на ДЛУМ, Дијана Томиќ-Радевска.
Сите љубители на уметноста, изложбата ќе може да ја видат во двата објекта – Чифте амам и Мала станица – до 12 декември.
Линк од целосното обраќање на министерката за култура Ирена Стефоска: