Ажурирана верзија на Дигиталната архива на македонската музичка критика

од admin_kult

На линкот https://sprintstudio.com.mk/kritiki/ е достапна ажурираната верзија на „Дигиталната архива на македонската музичка критика (1935 – 1980)“, дополнета со сите новинарски жанрови објавувани во периодиката во текот на седумдесеттите години од минатиот век.

Дигиталната архива е ажурирана со 993 нови критики, осврти, интервјуа. На проектот, во кој е архивирана македонската музичка историја, во изминатиот период работеа  м-р Елени Новаковска, м-р Јана Коловска-Бојовиќ, Марко Коловски и д-р Јулијана Жабева-Папазова.

„Идејата за овој проект (или за ова практично помагало за сите истражувачи на македонската музичка историја, како и за љубителите на музиката кај нас и во светот) се роди во некое од многуте истражувања, барања и пребарувања и низ периодиката во Македонија, од периодот меѓу двете светски војни до денес, а сврзани со проучување на некој единечен проблем.

Или со пишување одделна монографија и статија. Во текот на тие мачни прелистувања на правливите страници на весниците и списанијата што излегувале кај нас во овој период, трагајќи или, само проверувајќи некој факт, прашањето што си го поставував беше: мора ли секогаш вака? Или: мора ли секој вака? Мора ли постојано да се губат, не часови, ами недели и месеци во оваа, од една страна – мачна, а од друга – неизбежна работа?“, појаснува Марко Коловски. Тој додава дека проектот „Дигитална архива на македонската музичка критика“, всушност, може многу лесно да прерасне во сеопфатен проект со наслов „Дигитална архива на македонската музика“.

„Ете, со овие информации, почитувани, ве препуштам на возбудливото пребарување низ оваа база што во моментот на нејзиното пуштање во јавна употреба содржеше над триста записи. Денес (2020 г.) тие се близу 2 000. Сите тие може да се пребаруваат според разни критериуми, со комбинација на повеќе клучни зборови, според автори, дела итн. Потоа пронајдените записи (најчесто рецензии) може да се видат на кој и да е уред (компјутер, таблет, телефон) и да се користат за каква и да е употреба. А можностите за употреба се неограничени. Патувајте по возбудливите патеки на нашето музичко минато“, вели Марко Коловски. Тој дополнува дека архивата содржи новинарски текстови објавувани во периодот од 1935 до 1980 година, но изразува надеж дека проектот ќе продолжи и во следните децении.

Оваа веб-страница, за која поддршка обезбеди и Министерството за култура, е од голема полза за музиколозите, композиторите, музичките уметници, истражувачите и вљубениците во музиката.

 

Можеби ве интересира:

Leave a Comment

Страницата на Министерството за култура на Р.С.Македонија користи т.н."колачиња" со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе