Ги поттикнуваме македонските културни оператори и правни лица кои аплицираат на повиците на Креативна Европа во нивните проекти да вклучат и партнери од Украина.
Во согласност со приоритетите на ЕУ, Европската комисија одлучи да додели максимална флексибилност за проектите на Креативна Европа во кои се вклучени украински организации, а дел од буџетот за мобилност на уметниците да биде наменет за поддршка на украинските уметници.
На 4 и 5 април 2022 година, Генералниот директорат за образование, млади, спорт и култура на Европската Унија одржа состанок во Луксембург на кој беше дискутирано за ситуацијата во Украина и за мерките за помош на тамошната културна сцена.
На состанокот беше разгледана можноста за понатамошни заеднички акции за поддршка на културниот, креативниот и аудиовизуелниот сектор како одговор на кризата во Украина. Комесарката Марија Габриел информираше дека над 20 иницијативи се веќе започнати од земјите членки на ЕУ на платформата Creatives Unite.