Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска присуствуваше на отворањето на  Културно-уметничката музичка манифестација „Скопско лето“

од admin_kult

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска присуствуваше на отворањето на Културно-уметничката музичка манифестација „Скопско лето“ вчеравечер во Скопје.

Во своето обраќање, министерката Костадиновска-Стојчевска уште еднаш ја потенцираше поддршката на Министерството за култура за реализацијата на оваа манифестација за која, меѓу другото, рече: „На организаторите на Скопско културно лето им честитам за професионалноста и за ентузијазмот. Скопско лето ја има поддршката и од Министерството за култура. Таа поддршка можеби за некого во вакво време не е мала, но е скромна во однос на она што за возврат го добиваме.

Благодарност и до Францускиот институт кој речиси 5 децении придонесува за квалитетот на нашата соработка. Ѝ благодарам на Европската комисија која преку програмата Креативна Европа го поддржа овој проект на „Фејм“. Ја користам можноста да им се заблагодарам на основачите на „Фејм проџект“, Французи кои ги сметаме за наши и во чие студио во Скопје, со македонски музичари, продуцираат музика со врвен квалитет за многубројни светски филмови, серии и настани на ниво на спектакли.

Скопје има микроклима и изгор лето.  И бидејќи не е здраво да се изгори од сонцето, Скопското културно лето нека биде нашата ладовина, нашата културна сенка пред неизвесната есен и долгата зима.

Со зборовите на легендарните Леб и сол – Ајде на здравје, Скопје“.

Во рамките на „Скопско лето“ денеска на малата сцена во Македонскиот народен театар со почеток во 20:30 часот ќе се одигра меѓународно наградуваната театарска претстава „Нема да биде крај на светот“. В четврток (23 јуни) на малата сцена во МНТ во 20:30 часот повторно ќе може да се проследи урнебесната комедија „Торонто експрес“.

На 25 јуни (сабота) во 20:00 часот во галеријата „Ко-Ра“ ќе биде отворена изложбата „Природа на математиката“ од Пол Ванг, уметник од САД. Четириесет и третото издание на „Скопско лето“ ќе заврши со музичка изведба на џез-пејачот Ори Даган, кој истовремено прави и европска промоција на неговиот албум „Click right here“. Концертот ќе се одржи во 21:00 часот на платото пред „Ист гејт мол“.

Целата програма и подетални информации може да се најдат овде.

Годинешното „Скопско лето“ е поддржано од: Град Скопје, Министерството за култура и Универзитетот за туризам и менаџмент – Скопје.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе