„Секоја култура расте во контекст на светските случувања. Го изразувам задоволството што Северна Македонија е во континуитет присутна во Венеција, и на уметничкото и на Биеналето за архитектура. Тоа за нас како држава, а и за сите уметници во земјава, е голем мотив да направиме сè за да бидеме достојни претставници во обединетото меѓународно семејство на современата уметност на 21 век“, рече министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска на денешната прес конференција по повод претстојното претставување на Република Северна Македонија на престижната меѓународна уметничка манифестација 59. Биенале на уметноста во Венеција 2022.
Во тој контекст додаде министерката за култура проектот „Landscape Experience“ на авторите Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска, идејно и продукциски, и со прашањата што ги поставува, ќе предизвика размислувања и ќе привлече интерес.
„Млеко од соништата“ и „Landscape Experience“, ќе останат запаметени како тема и дело кои се создадени во време на неколку светски кризи. Овие дела ќе сведочат за уметникот исправен пред прашањата за опстанокот на човечкиот род, за изгубениот идентитет, за трансформациите и мутациите. Уметноста годинава е испровоцирана да ѝ помогне на политиката, преку злото да го повикува доброто, да бара заедништво, разбирање, рече Костадиновска-Стојчевска.
На крајот посакувајќи успешно претставување на Венециското биенале Костадиновска-Стојчевска, порача дека преку годинешната тема на Биеналето уметниците ни покажуваат нам и на светот дека уметноста и уметниците можат да ни помогнат да замислиме нови начини и бесконечно нови можности за подобар свет.
Директорката на Националната галерија на РСМ, Дита Старова Ќерими истакна дека проектот „Landscape experience“ е осмо учество на Националната галерија како официјален претставник на нашата земја на биеналето во Венеција, што претставува гордост, но секако и одговорност и константен предизвик за презентациите на македонските автори, кои со своите автохтони визуелни ракописи се во склоп со светските актуелни тематики.
Италијанскиот амбасадор во земјава, Андреа Силвестри, рече дека Биеналето е еден од оние настани што се навлезени во колективната култура што предизвикува восхит, често го менува начинот на кој ја разбираме уметноста и начинот на кој таа се создава. Според него, Биеналето на Венеција е всушност израз, понекогаш и жртва на трендови и промени.
Претседателката на Комисијата за избор на македонски претставник, Дијана Томиќ-Радеска, истакна дека овој проект преку едни нови пејзажи, реални и имагинативни, локални и национални, но сепак светско препознаени простори дадоа еден сериозен пристап кон идејата.
На годинашниот конкурс за учество на 59. Биенале на уметноста во Венеција пристигнаа пет проекти од кои комисијата го избраа проектот „Landscape Experience“. Kомесар е Дита Старова Ќерими, директор на НУ Национална галерија на Република Северна Македонија; куратори се Ана Франговска, виш кустос во Националната галерија на Република Северна Македонија и Сања Којиќ Младенов, кустос советник во Музејот на современата уметност во Нови Сад, Р. Србија и кустос на проектот Evrovizion во одделението за визуелна уметност на IFA Штудгард.
- Биенале на уметноста во Венеција ќе се одржи од 23 април – 27 ноември 2022.
Говор на министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска