Костадиновска-Стојчевска за МРТ: Новиот Закон за управување со Охридскиот Регион е јасен – нема легализација на дивоградби

од admin_kult

Министерката за култура и претседателка на Националната комисија за УНЕСКО, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во врска со тековните активности поврзани со остварувањето на препораките на УНЕСКО, вели дека во моментов работна група ја изработува новата нацрт-верзија на Законот за управување со Охридскиот Регион, во која има предлог некои одредби да бидат избришани во насока на избегнување на потенцијална закана за светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион.

– Спорниот член на кој укажуваат невладините организации, а кој се однесува на дефинирање на терминот „урбана трансформација“, во верзијата на новиот Закон за управување се предлага да се брише. Се работи за термин за кој долго време укажуваат и реактивните мисии во своите извештаи. Затоа решивме тој член да го тргнеме, односно да го видоизмениме за да не се дојде до мислење дека со тој член ние сакаме да придонесеме кон поголема легализација на дивоградбите. Напротив, се прави доста ригорозна селекција, односно скенирање на цел терен со помош на сите институции коишто имаат можност тоа да го направат, за да не се легализира ниту една дивоградба“, изјави министерката Костадиновска-Стојчевска за Македонската радио-телевизија.

На прашањето во врска со последниот извештај на УНЕСКО, влијанието на невладниот сектор и дивоградбите, како и за задржувањето на статусот на Охридскиот Регион, министерката додаде дека од страна на институциите секогаш се упатува апел до општините да даваат поопсежни информации во однос на дивоградбите. Костадиновска-Стојчевска објасни дека во предлогот на новиот закон прецизно ќе се уреди и објасни темата со дивоградбите, за да не се добие впечаток дека ќе се пристапи кон нивна легализација.

Во однос на другите правни акти што се донесени и на кои се работи за заштита на Охридскиот Регион, Костадиновска-Стојчевска изрази задоволство од активното учество на невладиниот сектор и од нивното присуство на терен, во Струга и во Охрид. Во однос на извештајот на Комитетот за светско наследство и задржувањето на Охрид на листата на УНЕСКО, министерката за култура го изрази задоволството од позитивниот извештај за што, како што рече, придонес имаше и тоа што нашата држава е меѓу првите што го преведоа Упатството за иматели на недвижни културни добра во Охридскиот Регион – Светско наследство на УНЕСКО.

– Ова упатство, кое помага во изработката на сите видови мислења, ние го препративме до општините коишто се инволвирани, и бевме навистина пофалени за напредокот што го имаме. Најголем удел во тој позитивен извештај има Комисијата којашто досега функционираше при Министерството за култура, а сега, според договор и според Законот, се префрла во Министерството за животна средина и просторно планирање –  објасни министерката за култура. Таа додаде дека токму таа комисија е браник којшто се занимава со сите мислења од општините, инвеститорите, архитектонските друштва и планерите во урбанизмот.

Костадиновска-Стојчевска за МТВ истакна дека удел за позитивниот извештај од УНЕСКО имаше и соработката со Албанија зашто за првпат оваа година беше изготвен и заднички извештај од двете држави кон УНЕСКО.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе