Костадиновска-Стојчевска во Куманово: Комедијата ни помага од друг агол да ѝ пријдеме на стварноста

од admin_kult

„Сите знаеме дека е тешко да насмееш човек, тешко е да предизвикаш смеа особено во ова време кога ретко кој се смее. Но, комедиите се пишувале и во најстрашните времиња за човештвото зашто смеата е таа која го одржува здравиот дух. Смеата ни овозможува од поинаква страна да им пријдеме на секојдневните предизвици. Потребата од таа оддишка од секојдневието се покажа и со интересот на публиката за годинашното издание на Деновите на комедијата“, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на отворањето на 25. јубилејно издание на  Меѓународниот театарски фестивал во Куманово.

Во своето обраќање пред многубројната публика во Центарот за култура во Куманово, Костадиновска-Стојчевска истакна дека овој град има своја традиција на шегување и на негување на комедијата уште каква што била на почетоците – да раскажува приказни со среќен крај, или да пее, весели.

„Со овој фестивал, кој сериозно расне  веќе 25 години, илјадна публика се весели и се разонодува, но и се замислува, зашто комедиите не се само забава, тие често и опоменуваат и ни даваат друг поглед на стварноста“, рече министерката за култура.

Честитајќи му на годинашниот лауреат на наградата за животно дело „Васил Иљоски“, Костадиновска-Стојчевска изрази  благодарност до актерот Благој Чоревски, додавајќи  дека тој со својот ведар дух, со сите драмски и комични улоги што ги има одиграно, е дел од нашата колективна насмевка.

Фестивалот „Денови на комедија“ беше отворен со претставата „Приватни животи“ на Градскиот театар од Винковци, Хрватска, а во следните денови во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово на репертоарот ќе бидат изведени претстави од театрите од Македонија, Србија и од  Бугарија.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе