Министерката за култура Ирена Стефоска денеска оствари работна средба со амбасадорот на Јапонија во Република Северна Македонија, Савада Хиронори.
На средбата беа разгледани можностите за продлабочување на соработката со Јапонија и за интензивирање на културната размена меѓу двете пријателски земји. Дополнително, министерката и амбасадорот разговараа за можноста за вклучување јапонска агенција за подобрување на ситуацијата со природното и културното наследство на Охридскиот Регион и негово зачувување на листата на светско наследство на УНЕСКО. Договорена беше и теренска посета на Охридскиот Регион оваа пролет.
Соговорниците ги нагласија билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Јапонија кои се традиционално добри и пријателски. На средбата беше изразено уверување дека двете земји и понатаму остануваат посветени на развивањето на културните врски и на воспоставувањето на соработка меѓу сродните институции од областа на културата.