Со поддршка од Министерството за култура и локалната самоуправа, вчера во Музеј-галеријата во Кавадарци се одржа промоција на каталогот „Нумизматичкиот материјал во Музеј-галерија Кавадарци“, од авторите Весна Ѓорѓиева, кустос советник и директор и Раде Атанасов, кустос.
Во каталогот на 52 страници се претставени 178 монети, почнувајќи од хелинистичкиот, римскиот и доцноантичкиот период, продолжувајќи преку византискиот, па сѐ до османлискиот период, притоа хронолошки давајќи ни подобра слика за економската моќ на овој регион низ вековите. Преку овој каталог, љубителите на нумизматиката и уметноста ќе имаат документ од трајна вредност низ кој сликовито се опишани формите и претставите на монетоковањето низ вековите преку монетите кои циркулирале во Тиквешијата.
Промотор на каталогот беше професор доктор Виктор Лилчиќ од Катедрата за археологија при УКИМ.
Музеј-галеријата Кавадарци, како институција, од нејзиното формирање во 1976 година до денес континуирано го собира, го обработува, го заштитува и го презентира музејскиот материјал од сите области на музејската дејност: археологија, историја, историја на уметноста, етнологија и средновековна уметност. Нумизматичката збирка на оваа локална установа ја сочинуваат 450 монети прибрани по пат на откуп, подарок, рекогносцирање на локалитетите во Тиквешијата, сондажни и систематски археолошки ископувања. Каталогот е резултат на неколкугодишни проекти што ги реализираше Музејот во изминативе години со поддршка од Министерството за култура.