Четворица млади македонски автори беа промовирани во рамките на Деновите на македонската култура во Будимпешта што ги организираа Лекторатот по македонски јазик, Универзитетот ЕЛТЕ и Здружението на Унгарци во Македонија „Теледом“.
На промоцијата присуствувале писателите Петар Андоновски, Фросина Пармаковска и Давор Стојановски, а била предвидена и Лира Бојку, која од оправдани причини не можела да допатува во Будимпешта.
Како што информираат од Лекторатот по македонски јазик, за промоцијата била издадена промотивна книга со фрагменти од делата на четворицата автори во превод на унгарски јазик од Анамарија Цинеге-Панзова.
– Модератор беше познатата унгарска книжевна ѕвезда Оршоја Карафиат, а фрагменти од романите на писателите читаше познатиот унгарски актер Адам Бонц. Писателите ги претстави Ненад Стевовиќ, уредник и сопственик на издавачката куќа Или-Или, кој зборуваше за идејата и за мотивите да им се даде шанса на млади талентирани автори, начинот на кој ги избира романите што ќе ги објави, а се осврна и на преводот на унгарски автори на македонски јазик – наведува во соопштението организаторот на настанот.
Деновите на македонска култура во Будимпешта се поддржани од Министерството за култура.