Во галерискиот простор на Националната установа Центар за култура Крива Паланка вчера беше отворена десеттата, јубилејна изложба на академската уметница Валентина Илијевска од Куманово, со која одбележува десет години творештво.
Во рамките на изложбата, поставени се вкупно триесет и три дела, цртежи и графики под заеднички наслов „Квадратот низ графики и цртежи“.
Во сите дела е претставен симболичниот син квадрат кој понекогаш се прикажува и тродимензионално, како коцка. Тој е препознатлив за човекот и неговото живеење, а ги симболизира четирите ѕида на домот, четирите страни на светот, годишните времиња.
Делата на Илијевска ќе бидат поставени во Центарот за култура Крива Паланка во следните две седмици. Изложбата е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија.