Конески стамено стоеше пред искушенијата, неговото дело е поттик за мудро надминување на противречностите -Стефоска во Небрегово

од admin_kult
Нашиот мудрец на срцето, мислата и зборот, нашиот благороден сликар на јазикот, Блаже Конески, еднаш забележа: „Треба да се совлада премалата, да се сочува интегритетот, затоа што човекот не смее да се предаде на рушителските сили, бидејќи тој е секогаш поприште на борбата.“
И токму овде, во неговото родно село Небрегово, каде што – како што вели самиот Конески – речиси се гледа целиот свет овенчен со Златоврв и венецот на планините над селото, треба да се присетиме на наследството кое тој ни го остави и кое е централната модерна нишка на нашата државност.

Пред нас е стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески. Таа се случува во време на големи искушенија. Но самиот Конески беше човек кој стамено стоеше пред сите искушенија, пред сите предизвици. Затоа, овој јубилеј не треба да го сфатиме како еден миг во кој ќе се присетиме на минатото туку како поттик за мудро надминување на противречностите, за стамено чекорење кон иднината.

Сите го паметиме Блаже Конески како човек кој тивко, но упорно извојува многу битки за самобитноста, за јазичните значенски вредности, за знаењето, за уката. Сите во него го препознаваме нашиот современ Климент Охридски. Следејќи ги неговата вредност, неговата посветеност и неговото темелито знаење, ние мораме да бидеме достојни во понатамошната хармонична надградба на она што тој ни го остави како наследство, да го продолжиме везењето на „црвениот и црниот конец“ на кој ни укажа поетот во неговите стихови.

Покрај ерудицијата, интуицијата е една од најбитните карактеристики на  лингвистот Конески. „Неговата кодификација на македонскиот јазик го потврдува тоа”, забележа во една пригода академик Зузана Тополињска, додавајќи дека „тој јазик, македонскиот, од него кодификуван, се покажа како способен за живот и еволуира”.

Како и сите народи во светот, ние низ јазикот постоиме, низ неговите мисловно-зборовни виртуозности. А писателот Конески беше нашиот виртуоз на мислата и на зборот. Тој нашето културно наследство го обележа со визионерски осовременет ракопис и ни укажа  како се гради модерен, еманципиран и космополитски наратив.

Токму затоа, денот на кој се родил овој исклучителен културен деец, УНЕСКО прифати да го запише во својот календар за одбележување значајни јубилеи во светот во текот на 2021 година.

Препознавајќи ја универзалната социо-културна димензија на Конески, претседателот Пендаровски ни укажа голема чест да биде покровител на претстојната јубилејна година. Заедно, сите, со безрезервната поддршка на претседателот Пендаровски и на премиерот Заев, ќе се обидеме да создадеме јазик, нарација за каква сонуваше Конески, а која ќе трае колку што ќе трае човештвото за кое тој сонуваше да не биде обесчовечено.

Годината 2021 во светски рамки се прославува како Меѓународна година на мирот и довербата. Министерството за култура и Министерството за образование и наука поведоа иницијатива Република Северна Македонија да се приклучи кон одбележувањето на оваа Меѓународна година со програма посветена на Блаже Конески затоа што мирот и довербата – а, пред сè, и самодовербата – се клучните поими во книжевната и на научната дејност на Блаже Конески.

Затоа ги повикувам сите актери на културниот, академскиот и на општествениот живот да ги мобилизираат своите креативни сили за достоинствено чествување на ликот и делото на Блаже Конески во 2021 година.

Соопштение од посетата на владината делегација во роднота куќа на Блаже Конески во Небрегово, на денот на неговото раѓање

Можеби ве интересира:

Leave a Comment

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе