Во Ликовниот салон во Народниот музеј во Велес денеска (17 ноември) ќе биде отворена изложбата на карикатури од Миле Манчевски „Ковид 19 и превенција од вирусот“.
Миле Манчевски е автор на повеќе од две илјади карикатури и учесник на над сто групни и самостојни изложби во државава и во светот.
Од Народниот музеј – Велес во најавата за изложбата информираат дека Манчевски е добитник на многубројни награди и признанија, меѓу кои: државната награда „Наши достигнувања“ и „Гранпри“ на „Студентски збор“.
– Годинава Манчевски ја доби наградата за животно дело „Цицо“ наменета за македонски карикатуристи. Карикатурите на Манчевски биле презентирани во: Јапонија, Канада, Куба, Турција, Холандија, Италија, Белгија, Србија, Хрватска, Романија, Полска, Бугарија, Кина, Словачка, САД, Словенија, Бразил и Кореја. Оваа изложба, авторот им ја посветува на сите здравствени работници – додаваат од Народниот музеј – Велес. Изложбата се реализира со поддршка од Министерството за култура.