Во Ликовната галерија во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп денеска (19 ноември) во 19:00 часот ќе биде отворена изложбата „Сузан“ од уметницата Ивана Мојсовска.
Од Центарот за култура во Прилеп информираат дека изложбата е инспирирана од веќе реализиран танцов перформанс во соработка со кореографката Адријана Данчевска, која е и субјект на овие дела.
– Сузан е измислен карактер кој ни ги пренесува екстремните расположенија на една млада жена која се бори со сопствените емоции и пориви. Анализирајќи ги танцовите перформанси и фокусирајќи се на перформативноста како процес од кој произлегува некаква акција, се обидувам да го замрзнам тој жив и интензивен момент на одвивањето на самиот уметнички чин – вели уметницата Ивана Мојсовска.