Изложба на фотографии „Инстант семејства – мултипликација на љубовта“ од фотографот Роберт Јанкулоски ќе биде отворена вечерва во 20 часот во ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп. На изложбата ќе бидат претставени 15 фотографии изработени на архивска, памучна хартија, на кои е пренесено авторовото видување за семејството и љубовта, за начинот на виртуелно живеење во денешно време.
Јанкулоски е основач на Македонскиот центар за фотографија. Реализирал 36 самостојни изложби и учествувал на голем број групни изложби насекаде во светот. Добитник е на неколку награди од областа на визуелните уметности и филмот и носител на титулата Витез од областа на уметноста и книжевноста, доделен од Министерството за култура на Франција.