На 20 април, со почеток од 17:00 часот, во Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија ќе биде претставен шоу-спектаклот „Сапунена фантазија“ од Коле Китанов.
„Меурите од сапуница секогаш биле и ќе бидат неверојатна игра за помалите и еден магичен феномен за возрасните. Уште повеќе кога ги надминуваат нашите очекувања. Сапунена фантазија е шоу-спектакл во стилот на класичните кловновски точки и апсурди. Со многу хумор, интеракција и професионализам, меурите од сапуница прават чуда. Квадратни меури, меури со дим , со оган, меури долги и шарени како виножито и за крај – човек затворен во меур од сапуница. Сето ова и уште повеќе изненадувања го прават овој шоу-спектакл како едно вселенско патување наречено Сапунена фантазија“, е наведено во најавата за настанот.
Од КИЦ во Софија појаснуваат дека местата за претставата се со ограничен број и право на присуство ќе имаат само оние што се запишале претходно. Со почеток во 18:00 часот, претставата ќе биде прикажана повторно пред нова публика. Овие мерки имаат цел одржување растојание меѓу посетителите и почитување на мерките за справување со пандемијата од КОВИД-19.
Коле Китанов во 2012 година аплицирал и започнал студии на Националната академија за театар и кино во Софија во класата на проф. Жени Пашова, со специјалност: актер за куклен театар, која успешно ја завршил во 2016 година. По две години се запишал на постдипломски студии на истата академија со специјалност: режија во куклено-театралните практики, и во 2020 г. е веќе дипломиран магистер. Китанов живее и работи во Софија. Тој е еден од основачите на куклениот театар „Мале-мале“, кој е добро познат меѓу детската публика во Бугарија,.