УНЕСКО ја прогласи Длабока Река во Маврово за светско природно наследство

од admin_kult

Буковата шума што се развива во долината на Длабока Река на планинскиот масив Кораб во Маврово е впишана на Листата на светско наследство на природата на УНЕСКО на 44. сесија на Комитетот за светско наследство што се одржа онлајн, а чиј домаќин беше Народна Република Кина.

Македонската локација стана дел од досието „Древните и исконски букови шуми на Карпатите и други региони во Европа“, кое во моментов опфаќа 18 земји од Европа.

Шумата, која е дел од Националниот парк „Маврово“, по Охридскиот Регион, кој е прогласен за мешано наследство – природно и културно, е второ природно добро од земјава што се најде на листата на УНЕСКО.  Инаку, локалитетот Длабока Река, кој се одликува со голема биолошка разновидност со присуство на многубројни ендемични растителни и животински видови, се наоѓа во зоната за строга заштита на Националниот парк „Маврово“ и претставува исклучителен пример на релативно ненарушен комплекс кој го претставува широкиот спектар на севкупните еколошки процеси на чисти и мешани стојалишта на европската бука низ разни еколошки состојби.

На листата на светско наследство се впишани уште четири локалитети споменици на културата и еден споменик на природата: Колонадите во Болоња, Италија; Делата на архитектот Јоже Плечник во Љубљана; Пејзажот од шкрилец во Северозападен Велс, Обединето Кралство; Петроглифите на езерото Онега и Белото Море, Руска Федерација; Националниот парк „Ивиндо“ во Габон.

Од Република Северна Македонија уште четири локалитети се на листата на чекање: Археоастрономскиот локалитет „Кокино“, пештерата Слатински извор, Маркови кули и црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, номинирана кон крајот на 2020 година.

Можеби ве интересира:

Leave a Comment

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе