На сесијата на Комитетот за светско наследство, прифатена апликација за градење капацитети на Заводот и музеј – Охрид

од admin_kult

Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на својата 44. сесија, што се одржува во Фуџу (Народна Република Кина), денеска ја прифати апликацијата „Јакнење на капацитетите за управување со културното наследство на Oхридскиот Регион: Обука за развој на бази на податоци и ГИС-платформа за недвижно културно наследство за Заводот и музеј –Охрид“.

Прифатениот проект за градење капацитети, во износ од 55 илјади американски долари, има цел да ги надгради знаењата и способноста на стручните лица во Заводот и музеј – Охрид во однос на ГИС-вештините со помош од меѓународни експерти.

Тренинг-активностите ќе бидат посветени на неколку клучни аспекти во заштитата на културното наследство, како што се: дигитализација со примена на современи техники и технологии со стандардизирани процедури за инвентаризација на културното наследство, кои, пак, ќе бидат компатибилни со постојните системи на институцијата, како и со Националниот регистар за културно наследство.

Она што е особено важно е што со овој проект ќе се креира ГИС-платформа за недвижно културно наследство во Охридскиот Регион и нејзино користење.

Во проектот за градење капацитети ќе бидат вклучени и експерти од други национални институции за заштита на културното наследство од нашата држава, кои се директно вклучени во управување со светското наследство. Дополнително, во проектот, што ќе се реализира 18 месеци, предвидено е да бидат вклучени и експерти од Република Албанија.

Можеби ве интересира:

Leave a Comment

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе