Телеграма со сочувство по повод смртта на Зафир Хаџиманов

од admin_kult

Познатиот актер, пејач и композитор Зафир Хаџиманов почина на 77-годишна возраст во Белград по компликации предизвикани од КОВИД-19.

Телеграма со сочувство до семејството и до сите почитувачи на ликот и делото на Хаџиманов упати министерката за култура Ирена Стефоска.

„Од името на Министерството за култура и од свое име, сакам да изразам најдлабоко сочувство до членовите на семејството и до сите почитувачи на ликот и делото на македонскиот амбасадор на културата во Белград, Зафир Хаџиманов.

Ќе го паметиме како актер, изведувач и композитор со голем талент и креативност, кој низ годините, со својот автентичен глас и музички израз, ги бришеше границите и ги зближуваше луѓето преку музиката. Заминувањето на Зафир Хаџиманов претставува голема загуба за македонската култура.  Има дни кои минуваат како чун во немирното море и има ден во кој сѐ застанува. Почивај во мир, Зафир!“, се вели во телеграмата на министерката Стефоска.

Хаџиманов е роден на 25 декември 1943 година во Кавадарци. Дипломирал на  Факултетот за драмски уметности во Белград каде што и живееше.

Хаџиманов успешно обедини повеќе уметности во својот творечки пат – музика, театар, филм, книжевност. Меѓу најголемите хитови на Хаџиманов, се „Како Вардар”, „Љуби ме и главата горе”, „Зајди, зајди”, „Од љубов не се бега” и многу други. Има компонирано десетици шансони и балади на стихови од антологиски поети како Константин Миладинов, Коста Рацин, Блаже Конески, Ацо Шопов и Радован Павловски, до српските Милош Црњански, Душко Радовиќ, Десанка Максимовиќ, Бране Црнчевиќ и многу други.Тој е автор на стихозбирките: „Шансони на хартија“, „Азил“, „Народен пејач“, „Пес-Пејачка“ и „Брат“, објавени на македонски и на српски јазик, а зад себе има оставено над 5 000 записи од македонски изворни песни.

Во текот на својата богата кариера играше главни улоги и во неколку филмови, како во „Македонска крвава свадба“, а е добитник на повеќе награди и признанија на фестивали за поезија и музика.

Можеби ве интересира:

Leave a Comment

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе