Денеска почина Тони Баталаков, доајен на балетската уметност, како и педагог-репетитор, поранешен првенец и директор на Балетот. Телеграма со сочувство упати и министерката за култура Ирена Стефоска, која истакна дека неговиот влог во развојот и афирмацијата на македонскиот балет е од непроценливо значење, а неговата децениска кариера, многубројните улоги остварени на балетската сцена дома, но и во светот, наградите и призанијата се само потврда дека македонската култура изгуби голем уметник, кој беше гордост на нашата држава.
„Се надевам дека сето она што тој го остави зад себе и како раководител на Балетот, но и како педагог, ќе ги потсетува идните генерации балетски уметници дека без љубов и без посветеност кон професијата, нема успех“, стои во телеграмата упатена до семејството.
Балетскиот играч и репетитор, Тони Баталаков, бил член на Балетот при МНТ (1964 – 1992), каде што станува првенец со изразена индивидуалност, техничка сигурност и партнерско умеење. Бил директор на Балетот при МНТ (1979 – 1989) и наставник во Балетското училиште при МБУЦ „Илија Николовски-Луј” во Скопје.
Танцувајќи кореографии со различни стилски определби, создава и остава обемен репертоар. Неговите изведби се класични, стилизирана класика, модерни кореографии, карактерни стилизации, до драмски изведби. Најзабележителни креации постигнува во карактернодрамскиот фах, но и модерните стилизации не заостануваат.