Десет музејски предмети во Музејот на македонската борба за самостојност се претставени преку тактилни слики и опис на Брајово писмо. За предметите се изработени и видеа на знаковен јазик и аудиоприказни со кои посетителите имаат можност да слушнат и да дознаат повеќе информации.
Креирањето на музејски поставки достапни за сите е дел од проектот „ФОКУС“ (FOCUS – Fostering Of Capacities for Unique Senses experience for visitors) што го реализира Музејот на македонската борба за самостојност заради унапредување на инклузивноста и пристапноста на постојаната поставка.
Аудио- и видеоматеријалите се достапни на веб-страницата на Музејот, на социјалните медиуми и на Јутјуб, како и во галерискиот простор каде што поврзувањето е овозможено со скенирање на кјуар (QR) код.
Тактилната изложба може да се посети секој ден, освен понеделник, од 10 до 18 часот со почитување на протоколите за работа во услови на КОВИД.
Проектот „ФОКУС“ е поддржан од Балканската музејска мрежа (Balkan Museum Network) преку програмата за мали грантови и „Хедли траст“ од Велика Британија.
Повеќе информации на www.mmb.org.mk.