Стефоска за Галичката свадба: Оваа традиција стана наше драгоцено нематеријално културно наследство

од admin_kult

Организаторите на традиционалната културна манифестација „Галичка свадба“ денеска на прес-конференција ја претставија програмата на настанот, што ќе се одржи од 16 до 18 јули под покровителство на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, и со поддршка од Министерството за култура. Галички младенци на 47. издание на „Галичка свадба“ се Катерина Илиевска и Филип Бундески, кои ќе се венчаат викендов.

Среќен и долг заеднички живот на годинашните младенци и успешно издание на манифестацијата им пожела министерката за култура Ирена Стефоска, која се осврна на традицијата на најпознатата македонска свадба што со векови за Петровден ги собирала печалбарите во родниот крај.

„Јули, најубавиот месец, особено во единствениот Галичник, затоа што печалбарите си доаѓале дома.  И има ли поубав ден од тој кога стопанот или синот ќе стапнеле на прагот?! Јули бил месец на солзи радосници во Галичник. Зурлите и тапаните ги чекале свадбите и свадбарите. И така со векови. Традицијата е зачувана и стана наше драгоцено нематеријално културно наследство. Министерството за култура останува силен поддржувач и промотор и на оваа манифестација која го збогатува и го чува надалеку препознатливиот македонски фолклор“, рече министерката Стефоска.

Претседателот на месната заедница „Галичник“, Александар Костиќ, информираше дека официјалниот дел од програмата започнува на 16 јули со неколку музички настапи, меѓу кои и концерт на составот „Љубојна“, кој годинава прославува 20-годишнина од своето постоење и творење.

Програмата продолжува на 17 јули и на 18 јули со изведба на старите галички обичаи, а за целата програма ќе биде обезбеден пренос во живо, на ЛЕД-екран поставен на платото пред чешмата Упија и преку интернет на социјалните мрежи.  Венчавањето на младенците ќе се одржи во црквата „Св. Петар и Павле“, а ќе го спроведат монасите од Бигорскиот манастир и монахињите од манастирот во Рајчица.

Со  „Галичката свадба“ ќе биде отворено и годинешното „Галичко културно лето“, а потоа ќе се одржат традиционалните: Галичка ликовна колонија, Галичка книжевна колонија, прослава на црковните празници „Света Петка“ и „Преображение“, како и „Галичник филм фестивал“, во периодот од 5 до 8 август, кој ќе се одржи првпат.

Можеби ве интересира:

Leave a Comment

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе