Интензивирање на соработката меѓу двете земји, како и зголемување на меѓуинституционалната соработка беше темата на денешната средба на министерката за култура Ирена Стефоска со амбасадорот на Арапската Република Египет за Република Северна Македонија, со седиште во Софија, Калид Ибрахим Емара.
На средбата стана збор за партиципацијата на Република Северна Македонија во новата административна престолнина на Египет. Во проектот, кој е во процес на изградба, е предвидено дел од јавниот простор да биде музеј на отворено за уметнички дела од различни земји од светот што ја рефлектираат сопствената историја.
Министерката за култура Стефоска со задоволство ја прифати поканата, македонската култура со едно уметничко дело – скулптура од македонски автор, да биде застапена во големата светска колекција на уметнички дела. Исто така, на средбата беше договорено Република Северна Македонија да партиципира со културни содржини и во големиот светски музеј и библиотеката на новата административна престолнина на Египет.
Соговорниците на средбата се согласија дека двете држави имаат традиционално пријателски односи, што треба да се искористи за унапредување на културната соработка за што постои огромен потенцијал. Разговараа и за предлог-текстот на Спогодбата за соработка во областа на културата меѓу двете држави, со чие потпишување ќе се обезбеди правна рамка за идните заеднички активности и поголема меѓуинституционална соработка на двете земји.