„Културните работници и уметниците велат дека пандемијата нема да успее да ја редефинира културата и очајнички се борат со насилниот обид на вирусот да нѐ навикне дека се може и без култура. Оваа пандемија, глобално ја сведе комуникацијата на ниво колку да не почнеме везден да зборуваме сами со себе“, рече министерката за култура, Ирена Стефоска, денеска на првата годишна конференција „Скопје економски и финансиски форум“ која, во организација на Министерството за финансии, се одржа на темата „Економско заздравување и раст по КОВИД“.
Министерката Стефоска, во обраќањето во рамките на панел-дискусијата посветена на човечкиот капитал и инклузивниот развој, посочи дека минатата година, кога сите посакувавме и верувавме дека ова ќе трае кратко време, културата го најде својот пат до луѓето користејќи ги интернет-алатките.
„Но, сега веќе ’работа од дома‘ не е опција за културата. Таа не комуницира со машини, туку со луѓе. Култура преку интернет, одигра своја улога, но предолго трае… желни сме да ја консумираме како реална публика, а не во пижами. Затоа ќе речам –ова е привид, а не жива култура. Минатото, а особено ова лето добивме еден неопходен културен здив. Но, култура во време на страв од допир, тоа не е тоа. Кога не го гледаме крајот, не можеме да ги предвидиме ни последиците. Дневните билтени за заразени и починати од КОВИД-19 веќе ги примаме како составен дел од вестите на денот. И толку.“, нагласи Стефоска. Во обраќањето, таа нотираше дека економското закрепнување е врвен приоритет, но нагласи дека, во таа битка, здравството и културата се рамо до рамо.
„Телото бара лек, а за душата лекот е во културата и во уметноста. Точно е дека најдобрите дела се создадени во тешки времиња. Точно е дека тишината е најголемиот сојузник на креативните луѓе. Но, ова веќе е болна тишина која предолго трае и која како со гума да брише буква по буква од зборот – човечност“, истакна министерката за култура.
Стефоска потсети дека Владата и Министерството за култура во пакетите за економска помош ги вклучија културните работници и уметниците. Таа посочи дека принципот на солидарност е вредност, на која, како што рече, ги повика сите кои аплицираа со свои проекти на годишниот конкурс за поддршка во културата.
„Ги повикувам таа вредност да ја имаат предвид на конкурсот и за следната година“, рече Стефоска, која упати повик и до сите општествено одговорни компании и поединци да ѝ подадат рака на културата, како што рече, зашто еден ден и лошото време ќе заврши.
„Културата прва настрада. Не смееме да ја оставиме последна да закрепне. Се работи за нашето ментално здравје“, нагласи Стефоска и упати благодарност до сите културни работници и уметници за нивната иновативност, за нивната страст, за нивниот нестрав од секој слободен простор да направат отворена сцена и макар од дистанца да ја одржат културата жива.
На крајот од обраќањето, министерката за култура порача дека во многу дејности луѓето можат да бидат заменети со роботи, со машини, но културата му припаѓа целосно на човекот.
„Е тука, немам страв, зашто ние имаме огромен човечки потенцијал во кој мора да инвестираме со заеднички напори. Ние сакаме подобар живот, а не полесен. Ние не молиме за помош, ние бараме поддршка“, истакна министерката за култура Стефоска.
Првата годишна конференција „Скопје економски и финансиски форум“, која се одржуваше денеска и вчера во Скопје, на едно место собра претставници на меѓународни финансиски институции, на бизнис-секторот и на извршната и локалната власт од земјава и од регионот кои дебатираа за економското заздравување и растот по ковид-кризата.