Стефоска на изложба на ФЛУ: Илустрациите се израз на почит кон поетското наследство на Конески

од admin_kult

– Конески, низ својот живот и богатото творештво, ни укажа на значењето на едноставноста и на скромноста. Но, тој ни укажа и на строгоста и на тоа како се гради модерен и космополитски свет. Во таа смисла, како продолжување на патот што Конески го исцрта за иднината на науката и уметноста на нашата земја, ја гледам и оваа изложба – рече министерката Ирена Стефоска денеска на отворањето на изложбата на илустрации за јубилејната книга „Блаже Конески – поезија и кратка проза“, која е поставена во галеријата на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Стефоска на отворањето на изложбата изрази задоволство што се промовираат илустрации инспирирани од делото на Блаже Конески и додаде дека дел од делата се вклопени и во дизајнот на јубилејната книга „Блаже Конески – Камено кале“, издание на годинашните Струшки вечери на поезијата.

– Творештвото на Конески е наша национална гордост. И без да повикува, тоа за авторите има предизвикувачка моќ. Тие низ годините наоѓаат начини да го чуваат, да го трансформираат, да се потпираат на него и да му се навраќаат како на својот Дом. Такво значење имаат и илустрациите што се создадени на овој Јавен конкурс на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ. Да, тие се израз на почит кон поетското наследство на Конески, но тие се и една нова  димензија за афирмација на визуелната уметност, преку илустрацијата во издаваштвото – истакна пред присутните министерката за култура.

Стефоска им честиташе на сите учесници на Конкурсот и додаде дека квалитетот што го донесе овој Конкурс, повторно ја актуализира темата за присуството на илустрациите во книгите.

Изложбата содржи дела на авторите кои учествуваа на Јавниот конкурс за изработка на илустрации што го распиша ФЛУ, како и награденото дело, со што ФЛУ се приклучи кон прославата на 100-годишнината од раѓањето на великанот на македонската култура, Блаже Конески. Конкурсот и изложбата се реализирани со поддршка од Министерството за култура.

Можеби ве интересира:

Leave a Comment

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе