Стефоска: Се обврзавме на засилена заедничка работа со Република Албанија во зачувување на статусот на Охридскиот Регион

од admin_kult

Комитетот за светско наследство на УНЕСКО денеска, на својата 44. сесија која се одржува во Фуџу (Народна Република Кина), донесе одлука Природното и културното наследство на Охридскиот Регион да не биде впишано на Листата на светско наследство во опасност.

Со оваа одлука, Комитетот го препозна и го уважи напредокот на Република Северна Македонија и на Република Албанија во зачувувањето и исклучителната универзална вредност на Охридскиот Регион.

Северна Македонија и Албанија со одлуката се обврзаа да донесат заеднички стратегиски план за рехабилитација на Регионот и дополнително да го подигнат нивото на билатералната заштита и управување со светското наследство. Двете земји добиваат повеќе време за да ги исполнат препораките што произлегуваат од реактивните мониторинг-мисии и одлуките на Комитетот.

„Остануваме впишани на престижната листа на УНЕСКО. Но, ако целото крајбрежје, целото културно наследство, ако нашите Охрид, Струга и Дебарца не се впишани во нашите срца, бадијала е впишувањето или отпишувањето од која било листа“, истакна министерката за култура и претседателка на Националната комисија за УНЕСКО, Ирена Стефоска.

Министерката Стефоска порача дека оваа одлука е последен момент, последен аларм да се интензивираат активностите на сите засегнати страни со цел да се зачува статусот на Охридскиот Регион.

Покрај засилената конкретна соработка со Албанија во периодот што претстои, Стефоска вели дека ја засилуваме соработката и координацијата со Центарот за светско наследство и советодавните тела на УНЕСКО, како и со Европската Унија и другите стратешки партнери со цел соодветна рехабилитација и управување на Охридско-струшкиот Регион.

Можеби ве интересира:

Leave a Comment

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе