Министерката за култура Ирена Стефоска денеска оствари средба со амбасадорката на САД во Република Северна Македонија, Кејт Мари Брнз. На средбата министерката Стефоска и амбасадорката Брнз ги потенцираа традиционално добрите културни врски меѓу двете земји и изразија задоволство од досегашната успешна соработка меѓу Министерството за култура и Амбасадата на САД во нашата земја, што се одликува со реализација на голем број проекти од сите дејности на културата.
Министерката Стефоска изрази благодарност за огромната поддршка од САД особено во делот на заштитата на културното наследство и доделените грантови американска помош за реставрација и конзервација на споменици на културата. Oд 2001 година, од Амбасадорскиот фонд се издвоени 1.4 милиони долари за реализација на 15 проекти со кои е извршена конзервација и реставрација на значајни споменици на културата во нашата земја.
Во контекст на соработката беше истакнато дека е голем бројот на уметници од САД кои се претставуваат на реномираните фестивали во нашата земја и дека за македонските уметници од особено значење е соработката во нивното претставување во Македонскиот културен центар во Њујорк. На средбата стана збор и за можноста за продлабочување на соработката преку поголема размена на експерти, уметници и проекти, особено во областа на заштитата на културното наследство.
Стефоска и Брнз го поздравија и долгогодишното функционирање на американските катчиња во Скопје, Битола, Штип, Струга и во Тетово.
Амбасадорката Брнз изрази задоволство што оваа Влада ја постави култрата високо на својата агенда и ја изрази подговеноста за САД за експертска помош во реформските процеси во Министерството за култура.
Двете соговорнички изразија уверување дека македонско-американското партнерство и натаму ќе претставува инспиративен пример за успешна соработка во полза на културата и нејзините вредности.