Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ) вечер (14 септември) од 20 часот на паркиралиштето во А1 Арена СЦ „Борис Трајковски“ го организира првиот „драјв ин“ концерт во Македонија со биг-бендот на Здружението на џез-музичари.
Концертот ќе биде под диригентската палка на Владимир Николов, во рамките на свеченото отворање на 43. Денови на македонска музика – 2020 година.
Од СОКОМ потенцираат дека настанот се организира според сите здравствени протоколи за заштита од КОВИД-19.
„Влезот е бесплатен, а поради протоколите и ограниченоста на капацитетите, резервациите се задолжителни. За оние што не би доаѓале со автомобил, ќе има места – столови, но и тие се во ограничен број. Организацијата на распоредот на автомобили дозволува слобода на влез и излез од паркиралиштето, според потребите“, информираат од COKOM.
На програмата се џез-композиции од Г. Стевковски, Ж. Глишиќ, И. Петровски, И. Пејовски, Т. Китановски, В. Николов, Г. Спасовски, Т. Велков, В. Ботев, А. Пејовски.