Во рамките на годинешното, 13-то издание на „Скопје постер фестивал“, во галеријата на МКЦ од 16 до 26 ноември ќе биде поставена изложбата на плакати од 75 светски дизајнери од 56 земји од целиот свет, вклучувајќи ја и Македонија.
„Плакарт“ е еден од организаторите поттикнувачи на создавањето глобална мрежа на асоцијации и здруженија за дизајн, чија цел е да инспирираат движење за поддршка во борбата со пандемијата предизвикана од КОВИД-19 и сите предизвици поврзани со неа.
Целата иницијатива се реализира во соработка со: „Poster Тerritory“ од Калифорнија, Чешката асоцијација за графички дизајн, Московското биенале и реномираниот дизајнер Мирко Илиќ од Њујорк. Исто така, ќе бидат претставени и студентски плакати во рамките на иницијативата за ширењето на мисијата и гласот на уметникот.
Во согласност со препораките на Комисијата за здравство и на Министерството за здравство, посебен термин за отворање на изложбата нема да има, а сите заинтересирани ќе може да ја посетат според препораките за почитување на мерките од КОВИД-19 во периодот од 10 до 20 часот секој ден.
Проектот е поддржан од Министерството за култура.