Со 600 000 денари, средства обезбедени од Министерството за култура и Општина Куманово, реновирана е спомен-куќата на народниот херој Христијан Тодоровски-Карпош во Куманово.
Реновирањето на куќата почна како дел од програмата Куманово – град на културата и 500 години од неговото формирање. Инаку, куќата музеј е отворена во 1979 година. Во текот на 2019 и 2020 година таа е реновирана, а музејската поставка е обновена со значајни историски експонати.
На приземјето е изложен мебел од триесеттите години на минатиот век, дел од предметите припаѓаат на семејството на народниот херој, а дел се од Музејот Куманово. На првиот кат се поставени фотографии, документи, оружје и други предмети кои ги прикажуваат животниот пат и борбата на Христијан Тодоровски-Карпош.
Музејот е отворен за посетители секој работен ден.