Промовиран Генералниот план за Стоби – современа алатка во заштитата на културното наследство

од admin_kult

– Стоби е најголемиот и најдобро зачуван бисер на културното наследство во земјава, локалитет од особено национално значење, кој најголемиот процут го доживеал во римскиот и во доцноантичкиот период. Но, за да живее денес, во 21 век, потребни се грижа, финансии и современо планирање на заштитата, и презентацијата, на ова непроценливо богатство – рече министерката Ирена Стефоска на презентацијата на Генералниот план за заштита на археолошкиот локалитет Стоби, прв документ од ваков вид во нашата држава.

Стефоска на промоцијата истакна дека Планот е пример на актуелни политики и постапки за современо менаџирање со културно-историското наследство и додаде дека ова ја  отвора и темата за пронаоѓање алтернативни начини за финансирање.

Генералниот план за заштита на археолошкиот локалитет Стоби е финансиран од „Џ. М. Каплан Фонд“, филантропска организација од САД, а го изработија стручните екипи на Фондацијата „Балканско наследство од Република Бугарија“ и Националната установа Стоби, кои на настанот ја одбележаа единаесетгодишната успешна соработка.

Aмбасадорката на САД во Република Северна Македонија, Кејт Мари Брнз, пред присутните истакна дека ќе продолжат да го поддржуваат културното наследство на Северна Македонија… за да можат да дојдат генерации граѓани од регионот, САД и од целиот свет и да дознаат за значајната улога што ја одиграл Стоби во светското наследство. Амбасадорката Брнз ја истакна важноста на културното наследство и владината поддршка на САД преку Амбасадорскиот фонд, преку кој се издвоени средства за зачувување на различни сегменти на локалитетот Стоби.

На настанот се обратија и директорите на НУ Стоби и на Фондацијата „Балканско наследство“, Спасе Перовски и Иван Василев, кои се осврнаа на значењето на Генералниот план во чие креирање учествуваа стручни тимови од двете институции, како и домашни и странски експерти од областа на заштитата на културното наследство. На настанот беше прочитано и поздравно писмо од претседателот на Владата, Зоран Заев, а присуствуваа директори на национални установи од областа на заштитата на културното наследство и музеи, археолози и конзерватори, како и амбасадорите на Австрија и на Италија во нашата земја, Георг Вуцас и Андреа Силвестри, како и Димитар Карастојанов, заменик-амбасадор на Бугарија во нашата земја.

Можеби ве интересира:

Leave a Comment

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе