Со доделувањето на наградите на пригодната церемонија, синоќа во Гостивар заврши петтото издание на Меѓународниот театарски фестивал „Отело“.
Жирито на Фестивалот, признанието за најдобра претстава го додели на Народниот театар – Битола за „Луди за љубов“. За најдобар актер е прогласен Фисник Зеќири за улогата во „Задоволствата на брачниот грев“ на Албанскиот театар – Скопје, а за најдобра актерка е прогласена Луиза Џувани за остварувањето во претставата „Умре од смеење“ на Театарот од Корча. Наградата за најдобар режисер ја понесе Ќендрим Ријани за претставата „11 разбеснети“ на Гостиварскиот театар.
Годинава во големата сала на Центарот за култура „АСНОМ“ од 2 октомври во шест последователни вечери беа изведени претставите на театарските ансамбли: Народниот театар – Битола, Албанскиот театар – Скопје, Државниот театар од Истанбул, Театарот „Андон Жаку Чајупи“ од Корча (Албанија), Театарот „Авдуш Хасани“ од Подујево (Косово) и Гостиварскиот театар.