Танцовиот одбор на Македонскиот ИТИ Центар го избра Александар Хаџиманов (танчер, кореограф и танцов едукатор) за автор на македонската порака по повод Меѓународниот ден на танцот, кој се одбележува на 29 април.
Во пораката, Хаџиманов кој е вработен во балетот при Националната опера и балет во Скопје нагласува дека инвентивноста и посветеноста понатаму ќе ни донесат уште многу нови нешта во танцот, а нам ни преостанува да се препуштиме на доживувањето.
„За крај ќе го цитирам Жан Жорж Новер: танцот го споредувам со најубавото во природатата“, вели во пораката Хаџиманов.
Меѓународниот одбор на мрежата на ИТИ УНЕСКО го избра јужно- африканскиот кореограф, танчер, танцов едукатор и актер Грегори Макома, за автор на светската порака.
„Танцот е слобода и преку нашата изградена слобода, ние мора да ги ослободиме другите – заробените кои се соочуваат со материјални и духовни зандани, во различни страни на светот. Танцот не е политички, тој станува политички затоа што во своите влакна носи човечка врска и затоа реагира на околностите во обидот да го врати човечкото достоинство“, потенцира во светската порака по повод Меѓународниот ден на танцот Макома, кој е меѓународно познат танчер, кореограф и режисер.