Под мотото „Украдени движења“, од денеска до 7 јуни ќе се одржува реномираниот фестивал за современ танц „Танц фест Скопје 2021“. По 17. пат ќе се танцува на повеќе сцени во Скопје, а првпат една од претставите ќе биде одиграна и во Центарот за култура во Тетово. Најавено е гостување на танчарот Жигон Крајнчан од Љубљана и на Загрепскиот танцов ансамбл, а публиката во Скопје и во Тетово ќе има можност да ја види и изведбата на францускиот танчар и кореограф Амала Дианор. На фестивалот ќе се претстават и младите кореографи: Адријана Данчевска, Филип Петковски, Валентино Апостоловски и Дејан Битровски.
Организаторите информираат дека во рамките на фестивалот ќе биде одбележан и 10-годишниот јубилеј на Скопскиот танцов театар, кога ќе биде изведена кореографијата „Меѓусвет“ на Рисима Рисимкин.
„Со оваа претстава, Скопскиот танцов театар дава свој придонес во славењето на великанот на македонскиот јазик Блаже Конески и одбележувањето на 100 години од неговото раѓање“, додаваат од „Танц фест“.
Традиционално, на фестивалот ќе бидат доделени и наградите „Менада“ – за врвно остварување и животно дело во областа на танцот и за млад уметник, а ќе има и омаж во сеќавање на творештвото на истакнатиот балетски уметник Тони Баталаков.