Отворена изложбата „По трагите на светите Кирил и Методиј“ и промоција на „Проглас“ од Константин Философ – св. Кирил

од admin_kult

Во Културно-информативниот центар во Скопје денеска се одржа промоција на печатеното издание на „Проглас“ од Константин Философ – св. Кирил, а беше отворена и изложбата „По трагите на светите Кирил и Методиј“ како дел од содржините за одбележување на празникот 24 Мај – Ден на сесловенските просветители, светите Кирил и Методиј, што се организирани со Република Словачка.

На промоцијата и отворањето на изложбата, настан на кој свое обраќање имаше претседателот на Владата на Северна Македонија Зоран Заев, присуствуваа и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, министерката за култура Ирена Стефоска, поглаварот на МПЦ – ОА г. г. Стефан, скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх Киро Стојанов, претставници на Амбасадата на Чешка во Скопје и гости од Словачка.

– Мисијата на светите Кирил и Методиј е еден од првите примери на обединување на словенските со другите народи во Европа, за поврзување на различни култури со почитување на разликите. Тоа е вредноста на која и денес се повикуваме, сеќавајќи се на нив и на историјата, истовремено свртени со поглед кон иднината и за која велиме дека заедничките допирни точки не нѐ делат туку нѐ поврзуваат – истакна премиерот Зоран Заев.

– Мисијата на светите Кирил и Методиј е далекосежна и сѐ уште ги обединува словенските и другите народи во Европа. Оваа вредност и денес, по повеќе од 1150 години, нѐ учи и нѐ инспирира. Во тој дух, почитувањето на делото на светите Кирил и Методиј, заедно со другите словенски и други народи кои чувствуваат ист долг кон нивната мисија и наследство и ја слават нивната цивилизациска мисија со достоинство и чест, е  обединувачки фактор  толку значаен за нашата современост и иднина – рече Заев.

Тој потсети дека промоцијата на „Проглас“ и изложбата „По трагите на светите Кирил и Методиј“, коинцидираат со два јубилеја – 30 години од осамостојувањето на РСМ и 100 години од раѓањето на Блаже Конески, основоположникот на современиот македонски јазик.

Библиофилското издание „Проглас“, првпат објавено во Словачка по повод 1150 години од мисијата на словенските просветители, сега доживеа и второ дополнето издание на старословенски, на словачки и на македонски јазик. Објавено е од Словачката народна библиотека во соработка со Друштвото на писателите на Словачка и со финансиска поддршка од Владата на РСМ.

 

Можеби ве интересира:

Leave a Comment

Страницата на Министерството за култура на Р.С.Македонија користи т.н."колачиња" со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе