Националната установа Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид минатиот месец спроведе проект за подводно археолошко рекогносцирање на делови од источниот брег од Охридското Езеро, насочен кон истражување локации од Езерото за кои постоеја индиции за археолошки локалитети.
Истовремено, преку проектот биле истражувани и поединечни наоди, биле дефинирани границите на потенцијалните археолошки локалитети и нивно позиционирање со помош на џипиес-уреди, но биле откриени и нови локалитети, со крајна цел нивно запишување во Националниот регистар на културното наследство во РС Македонија.
Покрај рекогносцираните делови кај селата Пештани и Трпејца, внимание е посветено и на две локации во околината на локалитетот „Плоча Миќов град“, откриени при слободни нуркачки активности на членови од нуркачкиот центар „Амфора“ од Охрид.
Според Заводот и музеј од Охрид, проектот има и заштитен карактер бидејќи со прогласувањето на локалитетите и поединечните наоди за културно наследство, тие ќе бидат заштитени од нелегални посети и активности.