По пауза од неколку месеци поради глобалната пандемија предизвикана од корона-вирусот, Националната опера и балет ќе одржи ексклузивен гала- оперски концерт и балетска претстава на отворено под ѕвездите со наслов „Опера и балет под ѕвездите“.
Концертот ќе се одржи на 25 септември со почеток во 21:00 ч. на платото пред Националната опера и балет.
Ќе настапат солистите: Сандра Митровска (сопран), Катерина Стојановска (сопран), Ѓорѓи Цуцковски (тенор) и Владимир Саздовски (бас), во придружба на Оркестарот при МОБ, под диригентската палка на Бисера Чадловска.
Во вториот дел, публиката ќе има можност да го проследи балетот „Болеро“ од Морис Равел, во кореографија на Саша Евтимова, подготвена во согласност со препораките на Комисијата за заразни болести. Станува збор за балет под маски, без допир и на дистанца. Настапуваат женскиот балетски ансамбл, Катерина Стојановска (сoпран) и Оркестарот на Македонската опера и балет. Диригентка е Бисера Чадловска.
Концерт-мајстор е Верица Ламбевска, кореографка е Саша Евтимова, а режисер е Дејан Прошев. Костимите ги изработи Марија Пупучевска.
Настанот ќе се одржи според протоколите за одржување настани на отворено предвидени со моменталната состојба предизвикана од пандемијата на КОВИД-19, одобрени од Комисијата за заразни болести.