Во соработка со Рускиот центар при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура денеска одржа тркалезна маса на тема „Конески – мостот што ги поврзува македонските и руските слависти“ во чест на големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на Блаже Конески.
Настанот беше дел од Програмата на манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“ која се одвива под покровителство на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, Министерството за култура, во соработка со Министерството за образование и наука.
На тркалезната маса се обратија Никола Јанкуловски, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје; Сергеј Александрович Баздникин, амбасадор на Руската Федерација во Северна Македонија; Анета Дучевска, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“; Андреј Александрович Липгарт, декан на Филолошкиот факултет при Московскиот државен универзитет „М. В. Ломоносов“. Модератор на настанот беше проф. д-р Биљана Мирчевска-Бошева, директорка на Рускиот центар.
Во чест на големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на Блаже Конески, оваа тркалезна маса беше замислена како уште еден начин да се осветли личноста и делото на Блаже Конески, овојпат низ призмата на македонско-руските јазични, литературни и културни врски.