Во организација на Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Тирана и директорт Златко Ориѓански, во соработка со Оливер Белопета од Скопски џез-фестивал, денеска (17.9.2021) пред публиката во Тирана ќе се претстави македонскиот музички состав „Chupa“.
Настапот е во рамките на 10. јубилејно издание на реномираниот „Тирана џез-фестивал“, кој ќе се реализира во неколку градови во Албанија од 10 септември до 10 октомври.
Македонските претставници на Фестивалот ќе настапат заедно со џез-квартети од Холандија и од Албанија. Во џез-квартетот „Chupa“ членуваат еминентните македонски џез-музичари: Оливер Јосифовски на контрабас, Славчо Коцев на тапани, Кирил Кузмановски на саксофон и флејта и Филип Димишковски на клавијатури.
Претходно, во Тирана се претстави македонското женско гудачко трио „Trinity Strings“ предводено од виолинистката Ирена Стојановска.
Директорот на македонскиот КИЦ во Тирана, Златко Ориѓански, информира за засилени активности на Центарот во следниот период.