Ве известуваме дека Министерството за култура на Република Северна Македонија, на 8, 9 и 15 јуни 2021 година во НУ Музеј на современата уметност – Скопје и во ЈУ Младински културен центар (МКЦ), организира промотивни настани на тема „Креативна Европа Дома“ посветени на искуствата во спроведувањето на програмата Креативна Европа – Култура на Европската Унија, како и на нејзината рефлексија на национално и на регионално ниво.
Настаните се организирани од страна на Канцеларијата за Креативна Европа – потпрограма Култура во соработка со Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, Канцеларијата на Креативна Европа – Култура на Република Србија, корисниците на потпрограмата Култура во периодот од 2014 до 2020 година и други партнери.
Исто така, ве известуваме дека на 15 јуни, со почеток во 10:30 часот, во ЈУ Младински културен центар (МКЦ) ќе се одржи тркалезна маса на тема „Креативна Европа – Перспективи на Западен Балкан“, на која ќе учествуваат министерката за култура, г-а Ирена Стефоска, и амбасадорот на Европската Унија во нашата држава, г. Дејвид Гир, заедно со организациите поддржани од пилот-акцијата на програмата Креативна Европа – Култура посветена на културната соработка со земјите од Западен Балкан.
Настаните се од интерактивен карактер и затоа ќе ни претставува големо задоволство доколку го дадете вашиот придонес со конкретни искуства и предлози, со цел обезбедување плодна дискусија, во насока на заедничка конструктивна соработка во рамките на новата програма „Креативна Европа на Европската Унија 2021 – 2027“.
Во прилог ви ја доставуваме програмата за настаните.
Ве молиме вашето присуство да го пријавите најдоцна до 7 јуни 2021 на следнава електронска адреса: dejan.kotevski@ced.mk, со нагласување на деновите кога го планирате вашето учество.
Ви благодариме за соработката!
Министерство за култура на Република Северна Македонија
Канцеларија на Креативна Европа – Култура