Музичко-поетската вечер „ЕУРОМОНД 21“, во организација на Ромскиот културен и медиа центар „Бариканипе“ од Скопје, ќе се одржи на 7 ноември (недела) со почеток во 18:00 часот во Даут-пашиниот амам.
Настанот е по повод Светскиот ден на ромскиот јазик, и на него ќе настапат реномирани имиња од ромската поезија, млади ромски поети, како и поети претставници на етничките заедници во земјава кои ќе се претстават со поезија на својот мајчин јазик. Поетските настапи ќе бидат збогатени со одбран музички репертоар на младиот музичар Анел Селим, апсолвент на музичката академија во Скопје.
На настанот ќе биде промовирана збирката поезија од различни автори со наслов „ЕУРОМОНД 21“, а ќе бидат претставени и првиот детски роман на ромски јазик во земјава „Волшебната шнола“ од авторката м-р Севдија Демирова-Абдулова и дебитантската книга поезија „Скриени дијаманти“ на младата поетеса Дајана Салиу, издадени неодамна од Ромскиот културен и медиа центар „Бариканипе“ од Скопје.
Музичко-поетската вечер „ЕУРОМОНД 21“ и издавањето на трите двојазични книги (на ромски и на македонски јазик) се реализирани со финансиска поддршка од Министерството за култура во рамките на Годишната програма за финансирање проекти од национален интерес за 2021 година.