Министерството за култура издвои средства во висина од 12 милиони 450 илјади денари за реализација на инфраструктурни проекти за Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“ од Куманово под чии ингеренции се зградата на Центарот и Театарот.
Годинава ќе почне проектот за гасификација на објектот на НУ ЦК „Трајко Прокопиев“, за којшто се подготвува тендерската документација за првата фаза, односно проверката на постојниот систем. Истовремено се подготвува и тендерската документација за првата фаза за реконструкција на објектот на Театар Куманово, којшто е многу посложен и којшто вклучува повеќе фази. Реконструкцијата вклучува темелна санација и реконструкција на целата зграда, како и набавка на нова сценска техника. За овој проект се одобрени средства во износ од десет милиони денари за правата фаза, која опфаќа изведба на градежните работи.
Дополнително, со над пет милиони денари, Министерството поддржа и 22 проекта од: литературата и издавачката дејност; визуелните уметности, архитектурата и дизајнот; музичката и музичко-сценската дејност; драмската дејност и фолклорната дејност.