Министерката Ирена Стефоска денеска ги посети институциите од областа на културата во Гевгелија како и Археолошките локалитети Вардарски рид и Стоби.
На средбата со гевгелискиот градоначалник Сашо Поцков, Стефоска разговараше за поголемо учество на локалната самоуправа во културата, која сега е лимитирана заради пандемијата. Заедно беа во Домот на културата во Гевгелија, каде со директорката Весна Ристова, разговараа за тековните активности и реализацијата на програмата во услови на ковид криза како и за потребата за акустично опремување на театарот.
Националната установа Музеј Гевгелија, во кој е сместен богат движен археолошки материјал пронајден за време на повеќегодишните истражувања на локалитетот Вардарски рид , поседува околу 11 илјади предмети од првиот милениум пр.н.е.
Директорот Бобан Хусеновски со министерката разговараа за тековните проблеми со кои се соочува институцијата, меѓу кои и немањето на изложбен простор за богатиот музејски фонд, како и за иницијативата за изградба на нова музејска зграда покрај археолошкиот локалитет Вардарски рид со можност да се трансформира во Археолошки парк. Посетувајќи гo археолошкиот локалитет Вардарски рид министерката Стефоска имаше увид и во конзервацијата на дел од објектите.
Министерката за култура Ирена Стефоска денеска ја посети и Националната установа Археолошки локалитет Стоби. За време на посетата на локалитетот Стоби, кој е еден од најзначајните споменици на културата од римската и од доцноантичката епоха на овие простори, директорот Спасе Перовски ја информираше министерката Стефоска за тековните проекти кои, со поддршка од Министерството за култура, ќе се реализираат до крајот на годинава.