Мето Јовановски добитник на наградата за особен придонес во филмската уметност на „Киненова“

од admin_kult

– Театарот за мене е основа, тој е многу важен. Но, филмот е една магија со која тешко се постигнува резултат поради многу фактори. Сепак, според мене, вистинската работа за актерот е токму театарот, затоа што е потребен професионалец кој целиот свој живот ќе му го посвети – рече денеска актерот Мето Јовановски, кој е добитник на наградата за особен придонес во филмската уметност на Меѓународниот фестивал „Киненова“.

Мето Јовановски се појавува во над 60-ина филмски и телевизиски наслови. Неговите незаборавни улоги се во филмовите: „Најдолгиот пат“, „Македонскиот дел од пеколот“, „Црвениот коњ“, „Пред дождот“, „Тетовирање“, „Време води“, „Пресуда“, „Оловната бригада“.

За своите театарски, филмски и телевизиски актерски остварувања ги има добиено највисоките државни награди: „Свети Климент Охридски“, „11 Октомври“ и „13 Ноември“, но и „Златна маска“ на МЕСС во Сараево и неколку Гран при во Ниш. Во 2010 година беше овенчан со наградата „Петре Прличко“.

Наградата ќе му биде доделена на Мето Јовановски утревечер, за време на отворањето на Фестивалот, а потоа во негова чест ќе биде прикажан филмот „Тетовирање“.

Инаку, оваа година „Киненова“, освен наградата за Мето Јовановски, ќе додели уште две награди. Постхумно ќе бидат доделени наградите за особен придонес во филмската уметност на Сабина Ајрула-Тозија и на Љупчо Тодоровски-Упа.

Фестивалот оваа година повторно се враќа во киното, поточно од 27 до 31 месецов во киното „Милениум“ и во Кинотеката. Во ноември продолжува хибридната програма, односно дел од програмата ќе се прикажува и на телевизијата.

Можеби ве интересира:

Leave a Comment

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе