На свеченото отворање на осмото издание на „Балкан панорама филмски фестивал“ во Измир, Турција, на македонскиот актер Мето Јовановски му беше доделена наградата „Златен чадор“ за неговиот придонес во филмската уметност и е почесен гостин на ова издание на фестивалот.
На нашиот истакнат филмски и театарски уметник наградата му ја додели Ахмет Мисбах Демирџан, заменик-министер за култура на Република Турција.
Во чест на Јовановски, на фестивалот ќе се прикаже филмот „Тетовирање“ на режисерот Столе Попов.
Осмото издание на „Балкан панорама филмски фестивал“ се одржува во Измир од 21 до 27 мај и е поддржан од турското Министерство за култура и туризам, како и од локалната самоуправа на Измир и се одржува во измирската Општина Буча.
Во ова издание ќе бидат прикажани над 150 филмови во повеќе од 250 проекции на шест локации во Измир, а селектираните филмови доаѓаат од 9 балкански земји. Унгарија е земјата во фокусот на годинашното издание на фестивалот на кој присуствуваат многубројни филмски уметници од балканскиот регион.
Во официјалната селекција за главната награда на фестивалот се натпреварува и македонскиот филм „Хомо“ од Игор Иванов-Изи, а како дел од разни селекции, вклучени се и следниве македонски филмови: „Исчезнатиот“ од Арбен Тачи, „Проблемот на Тина“ од Радован Петровиќ, „Врба“ од Милчо Манчевски, „Дедо и внук“ од Илија Пиперковски, „Манаки во слики“ од Роберт Јанкуловски, „Враќање“ од Кастриот Абдули, „Сведок“ од Митко Панов.