Во Куршумли ан вечер (30 јули) со почеток во 21 часот, во рамките на манифестацијата „Скопско лето“, ќе се одржи концертот „Вода“. Ќе настапат: Давор Јордановски – клавијатури, Александар Секуловски – тапани, Оливер Спасовски – бас, Александар Јовевски – кавал/тамбура, Борче Кузмановски – клавијатури, Сања Шуплевска – виолина, Маја Кастратовиќ – пијано и Орце Ицковски – фагот.
Музиката на „Вода“ е вешто изработен спој на заводливи балкански мелодии со џез, фанк, класични и рок-стилови.
Познатиот пијанист, композитор и продуцент Давор Јордановски и неговата група „Вода“ го нурнуваат слушателот во древни звучни предели, обмислени со модерен вкус. Покрај разновидноста во инструментацијата и интелигентно распоредените ритмички варијации, музиката на „Вода“ се одликува и со динамична и течна инструментација и звук.